08-05-2023 | Здрави оброци
Доколку по празничните уживања, повторно сакате да ја достигнете вашата идеална телесна тежина, ова е вистинскиот напиток за вас! Ова се неколку состојки кои го забрзуваат метаболизмот и го чистат телото од токсините и мастите.
Рецепт:
- 1 чаша сок од домати
- ¼ чаша сок од лимон
- 1 шолја рендан ѓумбир
- една чили пиперка или половина лажичка црн пибер
- две стебленца целер (средна големина)
Измешајте ги сокот од домати, сокот од лимон, изренданиот ѓумбир и ренданата чили пиперка. Ќе добиете околу 220ml пијалок. Послужете го во чаши и во напитокот додадете ги стебленцата целер. Целерот треба да се јаде додека го пиете пијалокот.
Во текот на денот, помеѓу оброците, може да испиете неколку мали чаши од овој „топач на маснотии“, а доколку претходно подготвите повеќе од смесата, чувајте ја во фрижидер.
Био Космос
08-05-2023 | Занимливости
Боја за храна или адитив за боја е секоја боја, пигмент или супстанција што дава обојување кога се додава во храна или пијалок. Боите за храна се користат и во комерцијалното производство на храна и во домашното готвење. Исто така се користат во различни не-прехранбени апликации, вклучувајќи козметика, лекови и медицински помагала.
Во зависност од потеклото, боите главно може да се поделат на природни и вештачки. Природните бои се изолирани од овошјата и зеленчукот каде се присутни и ги даваат карактеристичните и познати бои (каротеноиди, хлорофил, ксантофил, бетаин и други) или од некои инсекти (кармин, карминска киселина) со мала дообработка на екстрактите. Додека пак вештачките бои се синтетизираат лабораториски и/или индустриски од деривати на катранот и најчесто се соединенија со азо-група.
Луѓето поврзуваат одредени бои со одредени вкусови, а бојата на храната може да влијае на перцепцијата на вкус, почнувајќи од бонбони, па се до виното. Се смета дека додавањето на бои во храната за првпат е регистрирано во египетските градови уште во 1500 година п.н.е., кога производителите на бонбони додале природни екстракти и вино за да го подобрат изгледот на производите. Употребата на бои во храната е строго регулурана од национални агенции како FDA (Food and Drug Administration), FSA (Food Safety Agency) и EFSA (The European Food Safety Authority).
На табелата се прикажани дозволените бои за употреба во храна. Според актуелната европска и локална законска регулатива, вештачките бои кои се користат во производството на храна мораат да бидат наведени во декларацијата на производот.
| FDA ознака |
Име |
Боја |
Молекулска формула |
| Blue No.1 |
Brilliant Blue FCF |
Сина |
C16H34N2Na2O9S3 |
| Blue No.2 |
Indigotine |
Индиго |
C16H8N2Na2O10S2 |
| Green No.3 |
Fast Green FCF |
Тиркизна |
C37H34N2Na2O10S3 |
| Red No.3 |
Erythrosine |
Розева |
C20H6I2Na2O5 |
| Red No.40 |
Allura Red AC |
Црвена |
C18H14N2Na2O8S2 |
| Yellow No.5 |
Tartrazine |
Жолта |
C16H9N4Na3O9S2 |
| Yellow No.6 |
Sunset Yellow FCF |
Портокалова |
C16H10N2Na2O7S2 |
Загриженоста за безбедноста на храната довела до појава на бројни прописи низ целиот свет. Меѓу првите се германските прописи за храна објавени во 1882 година предвидуваа исклучување на опасни „минерали“ како што се арсен, бакар, хром, олово, жива и цинк, кои често биле користени како состојки во боите.
Распространето мислење во јавноста дека вештачките бои во храна предизвикуваат хиперактивност слична на ADHD (Attention deficit hyperactivity disorder) кај децата потекнува од Бенјамин Феинголд, педијатриски алерголог од Калифорнија, кој во 1973 година предложи дека салицилатите, вештачките бои и вештачките вкусови предизвикуваат хиперактивност кај децата сепак, нема сериозни докази за поддршка на ваквите тврдења дека боите во храната предизвикува нетолеранција кон храна и однесување слично на ADHD кај децата. Можно е одредени бои и вештачки бои за храна да дејствуваат како тригер кај оние луѓе кои имаат генетски предиспозиции, но доказите се слаби.
Зголемен внес може да ги активира протеините и клетките од воспалителните процеси и може да резултира со индукција на автоимуни, па дури и нервни нарушувања. Кај луѓе кои имаат генски предиспозиции за развој на алергиски заболувања, вештаките бои можат индиректно да ја стимулираат имунолошката реакција кон вештачките бои со појава на нови реакции на хиперсензитивност или влошување на постоечката состојба. Алергиите на боја на храна се прилично ретки. Генерално, експертите веруваат дека само мал број луѓе се погодени од бои за храна. Ова се однесува и на природните и на вештачките бои за храна, иако главно пријавените случаии на алерги се од вештачки бои. Алергиските реакции на бои може да се јават како црвенило, чешање, уртикарија и во потешките случаи проблеми со дишење и астма. Најчестите бои кои предизвикуваат алергии се прикажани на табелата.
| Боја |
Природна/
вештачка |
Употреба |
Симптоми на алергиска реакција |
| Кармин црвена |
Природна, добиена од инсекти |
Колбаси, виршли, сокови, бомбони,овошни јогурти |
Отоци, осип, отежнато дишење |
| Red 40, Allura red |
Вештачка |
Житарки, сокови, козметика, бомбони, овошни закуски |
Уртикарија, отоци на лице |
| Yellow 5, Тartrazine |
Вештачка |
Бомбони, конзервиран зеленчик, сокови, сирења, сладолед и др. |
Уртикарија, отоци на лице, може да предизвика напад на астма |
| Yellow 6, Sunset Yellow |
Вештачка. Најчесто употребувана жолта боја |
Житарки, сокови, желатин, козметика, лекови, бомбони, колбаси, пекарски производи |
Уртикарија, грчеви во стомак, отоци, може да предизвика анафилакса |
| Annatto, жолта |
Вештачка |
Сирење, житарки, сокови |
Може да предизвика силна анафилакса кај луѓе со алергија на оваа боја. |
| Blue 1, Brilliant Blue |
Вештачка |
Житарки, сокови, бомбони, козметика |
Хиперсензитивност |
Постојат многу контроверзии за употребата на вештачките бои во прехрамбената индустрија. Потврдени се само тврдењата дека прекуметното конзумирање на храна со вештачки бои може да има влијание на развојот на ADHD кај деца. Потврдено е и дека одредени природни и вештачки бои кои се дозволени за употреба во храна може да предизвикаат слаби, но и сериозни алергиски реакции. За некои од вештачките бои потврдено е дека при внес во поголеми или умерени количини заедно со одредени пореметувања во имунолошкиот систем може да предизвикаат нарушување во нормалната функција на дигестивниот систем. Според тврдењата на релевантните агенции кои ги даваат дозволите за употреба на вештачките бои во храна, доколку истите се користат умерено, кај здрави индивидуи не можат да предизвикаат сериозни последици по здравјето. За потврдување на негативното влијание на вештачките бои врз имунолошкиот систем во предвид треба да се земат и генетските фактори, постоечки состојби кај индивидуите и секако факторите на околината.
М-р Мирко Трпевски
магистер по молекуларна биологија
08-05-2023 | Занимливости
Шеќерот и неговата улога во нашата исхрана, станаа контроверзна тема. Прекумерната конзумација на шеќер може да доведе до проблеми како што се расипување на забите, дебелина и здравствени компликации поврзани со прекумерна тежина и дебелина. Ограничувањето или избегнувањето на храна со голема количина на додаден шеќер како што се слатки, колачи, безалкохолни пијалоци итн. е најдобриот начин да го контролирате внесот. Бидејќи нашиот организам е создаден да сака блага храна, а природните шеќери се високо калорични, денес се поатрактивна е употребата на вештачки засладувачи во исхраната. Но, што се вештачките засладувачи?
Засладувачи се супстанци кои се со со многукратно поголема сладост од сахарозата, кој е обичен трпезен шеќер и се еден вид замена за шеќер. Чувството на сладост предизвикано од овие супстанци понекогаш е значително различно од сахарозата, ова може да се запримети кај безалкохолни пијалоци или слатки чаеви кои се етикетирани како „диетални“ или „лесни“ кои содржат вештачки засладувачи и често имаат значително различно чувство во устата. Поради нивниот интензитет на сладост, тие се користат во мали количини и поради тоа храната во која се употребуваат е помалку калорична.
Засладувачите мора да бидат одобрени од Администрацијата за храна и лекови (FDA) и мора да се докажат како безбедни. За употреба, одобрени се шест замени за шеќер со висок интензитет: аспартам, сукралоза, неотам, ацесулфам калиум (Аце-К), сахарин и адвантам и два засладувачи со висок интензитет кои се добиваат од растенија: стевиол гликозиди добиени од лисја од стевија (Stevia rebaudiana) и екстракти од Siraitia grosvenorii, исто така наречени луо хан гуо или монашко овошје. Познати се некои замени за шеќер од растително потекло, вклучувајќи сорбитол, ксилитол и лактитол.
Нутритивните засладувачи се сметаат за хранливи супститути за шеќер, бидејќи обезбедуваат калории кога се консумираат. Такви се шеќерните алкохоли и тие обезбедуваат помалку калории од природните шеќери, затоа што тие не се апсорбираат целосно во нашето тело. Поради оваа причина, високиот внес на храна што содржи некои шеќерни алкохоли може да доведе до гасови во стомакот и дијареа. Секоја храна што содржи сорбитол или манитол мора да содржи предупредување на нивната етикета дека „прекумерната потрошувачка може да има лаксативно дејство“.
Ненутритивните засладувачи (сахарин, аспартам, ацесулфам калиум, сукралоза и неотам) се вештачки засладувачи кои всушност биле хемикалии што биле развивани за друга намена се додека истражувачот не го вкусил и открил дека е слатко. Тие се наоѓаат во толку многу производи, што луѓето можат да ги консумираат дури и без да го знаат тоа. Има поделба во медицинската заедница, тие што се за или тие што се против нивната употреба, затоа што фактите за безбедноста на овие вештачки засладувачи сеуште не се доволно јасни. Иако долги години наназад има истражувања кои кажуваат дека постојат одредени ризици при конзумација на вештачки засладувачи, сепак не е сеуште докажано дали тие се доволно големи за да се стави забрана за нивно користење. Така на пример докажано е дека постои можност сахарин да предизвика алергиски реакции кај лица кои не можат да толерираат сулфа лекови. Реакциите може да вклучуваат главоболки, тешкотии при дишењето, ерупции на кожата и дијареа. Исто така, се верува дека сахаринот се наоѓа во некои формули за бебиња и може да предизвика раздразливост и мускулна дисфункција. Од овие причини, многу луѓе сеуште веруваат дека употребата на сахарин треба да биде ограничена кај доенчиња, деца и бремени жени. Аспартамот кој е еден од најконтроверзните вештачки засладувачи, носи ризик за луѓето со ретко генетско нарушување фенилкетонурија и за луѓе кои страдаат од депресија. Тешко за да се утврди дали би имало долгорочни здравствени проблеми ако консумирате вештачки засладувачи за време на бременоста или за време на детството. Ниту еден од производителите не вели дека не можете да ги консумирате, но ниту еден од нив нема долгорочни студии кои докажуваат дека е безбедно тоа да се прави.
Определени се прифатливи дневни дози за секој ненутритивен засладувач и не можеме да внесеме неограничени количини од овие адитиви. Ако мислите дека чувствувате некој симптом при конзумација на нутритивен или ненутритивен засладувач, тогаш негово елиминирање од вашата исхрана е најдобриот начин за да се утврди дали е тоа така. Засладувачите не се основни хранливи материи во нашата исхрана и затоа постојат, за да го негуваат нашиот сладок залак, а не нашето тело.
М-р Емилија Ѓоргиева,
магистер по хемиски науки
07-05-2023 | Истражувања и резултати
Овој прашалник Ви го доставува Здружението на Лекари Специјализанти-ЗЛС како дел од проектот United Wellness Project, кој има цел да промовира здравје и добросостојба кај младите од средните училишта во Македонија.
Би сакале да Ве замолимe, да го пополните овој прашалник. Информациите ќе бидат искористени за креирање на активности кои ќе промовираат здравје кај средношколците. Одговорите кои ќе ги дадете се доверливи и нема да бидат споделени со други лица, вклучувајќи го и училиштето, а ЗЛС ќе ги искористи за истражувачки цели и за следење на ситуацијата, во однос на здравјето и здравите животни навики кај младите.
Вашето учество е доброволно и Вие може да не одговорите на овој прашалник или да не одговорите на определени прашања во него. Доколку имате дополнителни прашања, Ве молиме контактирајте го главниот истражувач д-р Горан Стевановски.
Однапред Ви благодариме за Вашата љубезна соработка.
Прашалник за здрави навики кај млади
07-05-2023 | Истражувања и резултати
Во рамките на проектот “United Wellness Project”, Здружението на Лекари Специјализанти во соработка со Хрватското здружение на нутриционисти (Hrvatski Zbor Nutricionista), оствари работна посета на Загреб. За време на истата беше реализиран состанок со претставници на Хрватското здружение на нутриционисти, на кои се дискутираше исхраната во студентските домови во Хрватска и во Македонија. Дел од агендата на овој состанок опфати и дискусија во врска со истражувањето кое го спроведува Здружението на Лекари Специјализанти како дел од проектот, а во кое преку споделување на прашалникот се опфатени и младите лица во Хрватска, но и низ останатите Европски земји. На крај на состанокот се дискутираше за промена на правилниците за исхрана во студентските и училишните домови во нашата земја и на кој начин тоа би можело да се реализира.
Претставниците на здружението исто така одржаа и работилница за здрави животни навики пред студентите, со кои исто така дискутираа за исхраната во студентските домови (преку прикажување на фотографии од истата) во Македонија и Хрватска. Оваа работилница вроди со плодна дискусија, споделување на лични приказни, но и предлози за тоа што може да се подобри во поглед на нутрицијата во студентските и ученичките домови во нашата земја. Се надеваме дека оваа дискусија и прелози ќе вродат со плод и ќе генерираат промени во однос на оваа проблематика. Голема благодарност до Хрватското здружение на нутриционисти за помошта околу реализацијата на овој настан.






