
Поврзаноста меѓу вежбањето и менталното здравје
Вежбањето помага во спречување и подобрување на голем број здравствени проблеми и болести, вклучувајќи висок крвен притисок, дијабетес и артритис. Истражувањата за менталното здравје и вежбањето покажуваат дека психолошките и физичките придобивки од вежбањето, исто така, можат да помогнат да се подобри расположението и да се намали анксиозноста.
Физичката активност и вежбањето не се иста работа, но и двете се корисни за вашето здравје.
- Физичка активност е секоја активност која ги вклучува вашите мускули и побарува енергија, како на пример работа или активности во домаќинството или активности во слободно време.
- Вежбањето е планирано, структурирано и повторувачко движење на телото кое се прави за подобрување или одржување на физичката кондиција.
Зборот „вежбање“ најчесто се поврзува со трчање. Но, вежбањето вклучува широк спектар на активности кои го зголемуваат нивото на активност за да ви помогнат да се чувствувате подобро.
Секако, трчањето, кревањето тегови, играњето кошарка и другите фитнес активности кои го поттикнуваат вашето срце побрзо да работи може да помогнат. Но, исто така може да помогне и физичката активност како што се градинарството, миењето автомобил, шетањето или многу други помалку интензивни активности. Секоја физичка активност што ве оттргнува од каучот и ве поттикнува да се движите може да ви помогне да го подобрите вашето расположение.
Вежбањето ослободува хемиски супстанции како ендорфин и серотонин кои го подобруваат расположението. Тие се природни хемикалии на мозокот, делуваат налик на канабис кои можат да го подобрат чувството на благосостојба. Тоа ги оттргнува мислите од грижите за да можете да се извлечете од циклусот на негативни мисли кои ја хранат депресијата и анксиозноста. Вежбањето и физичката активност можат да го намалат чувството на осаменост и изолација со тоа што ќе ве извлечат во светот, што придонесува до повеќе социјални интеракции, повеќе комуникација и стапување во контакт со други луѓе. Само разменување пријателска насмевка или поздрав додека шетате низ вашето соседство може да ви помогне да го подобрите вашето расположение. Постигнување на поставените цели или предизвици за вежбањето, дури и мали, може да ја зголеми вашата самодоверба. Подобрувањето на физичката форма прави да се чувствувате подобро за вашиот изглед. При континуирано вежбање се намалува стресот како и многу симптоми на состајби поврзани со менталното здравје како депресијата и анксиозноста што овозможува справување на здрав начин со истите. Правењето нешто позитивно за справување со депресијата или анксиозноста е здрава стратегија за справување.
Обидите да се чувствувате подобро преку пиење алкохол, да размислувате за тоа како се чувствувате или да се надевате дека депресијата или анксиозноста ќе исчезнат сами по себе може да доведе до влошување на симптомите.
За возрасните се препорачува најмалку триесет минути умерено до интензивно вежбање, 3 дена во неделата. Покрај тоа, овие 30 минути не мора да бидат континуирани; три пати физичка активност од 10 минути се подеднакво корисни како една 30-минутна прошетка.
Д-р Симона Сапунџија