Шеќерот и неговата улога во нашата исхрана, станаа контроверзна тема. Прекумерната конзумација на шеќер може да доведе до проблеми како што се расипување на забите, дебелина и здравствени компликации поврзани со прекумерна тежина и дебелина. Ограничувањето или избегнувањето на храна со голема количина на додаден шеќер како што се слатки, колачи, безалкохолни пијалоци итн. е најдобриот начин да го контролирате внесот. Бидејќи нашиот организам е создаден да сака блага храна, а природните шеќери се високо калорични, денес се поатрактивна е употребата на вештачки засладувачи во исхраната. Но, што се вештачките засладувачи?
Засладувачи се супстанци кои се со со многукратно поголема сладост од сахарозата, кој е обичен трпезен шеќер и се еден вид замена за шеќер. Чувството на сладост предизвикано од овие супстанци понекогаш е значително различно од сахарозата, ова може да се запримети кај безалкохолни пијалоци или слатки чаеви кои се етикетирани како „диетални“ или „лесни“ кои содржат вештачки засладувачи и често имаат значително различно чувство во устата. Поради нивниот интензитет на сладост, тие се користат во мали количини и поради тоа храната во која се употребуваат е помалку калорична.
Засладувачите мора да бидат одобрени од Администрацијата за храна и лекови (FDA) и мора да се докажат како безбедни. За употреба, одобрени се шест замени за шеќер со висок интензитет: аспартам, сукралоза, неотам, ацесулфам калиум (Аце-К), сахарин и адвантам и два засладувачи со висок интензитет кои се добиваат од растенија: стевиол гликозиди добиени од лисја од стевија (Stevia rebaudiana) и екстракти од Siraitia grosvenorii, исто така наречени луо хан гуо или монашко овошје. Познати се некои замени за шеќер од растително потекло, вклучувајќи сорбитол, ксилитол и лактитол.
Нутритивните засладувачи се сметаат за хранливи супститути за шеќер, бидејќи обезбедуваат калории кога се консумираат. Такви се шеќерните алкохоли и тие обезбедуваат помалку калории од природните шеќери, затоа што тие не се апсорбираат целосно во нашето тело. Поради оваа причина, високиот внес на храна што содржи некои шеќерни алкохоли може да доведе до гасови во стомакот и дијареа. Секоја храна што содржи сорбитол или манитол мора да содржи предупредување на нивната етикета дека „прекумерната потрошувачка може да има лаксативно дејство“.
Ненутритивните засладувачи (сахарин, аспартам, ацесулфам калиум, сукралоза и неотам) се вештачки засладувачи кои всушност биле хемикалии што биле развивани за друга намена се додека истражувачот не го вкусил и открил дека е слатко. Тие се наоѓаат во толку многу производи, што луѓето можат да ги консумираат дури и без да го знаат тоа. Има поделба во медицинската заедница, тие што се за или тие што се против нивната употреба, затоа што фактите за безбедноста на овие вештачки засладувачи сеуште не се доволно јасни. Иако долги години наназад има истражувања кои кажуваат дека постојат одредени ризици при конзумација на вештачки засладувачи, сепак не е сеуште докажано дали тие се доволно големи за да се стави забрана за нивно користење. Така на пример докажано е дека постои можност сахарин да предизвика алергиски реакции кај лица кои не можат да толерираат сулфа лекови. Реакциите може да вклучуваат главоболки, тешкотии при дишењето, ерупции на кожата и дијареа. Исто така, се верува дека сахаринот се наоѓа во некои формули за бебиња и може да предизвика раздразливост и мускулна дисфункција. Од овие причини, многу луѓе сеуште веруваат дека употребата на сахарин треба да биде ограничена кај доенчиња, деца и бремени жени. Аспартамот кој е еден од најконтроверзните вештачки засладувачи, носи ризик за луѓето со ретко генетско нарушување фенилкетонурија и за луѓе кои страдаат од депресија. Тешко за да се утврди дали би имало долгорочни здравствени проблеми ако консумирате вештачки засладувачи за време на бременоста или за време на детството. Ниту еден од производителите не вели дека не можете да ги консумирате, но ниту еден од нив нема долгорочни студии кои докажуваат дека е безбедно тоа да се прави.
Определени се прифатливи дневни дози за секој ненутритивен засладувач и не можеме да внесеме неограничени количини од овие адитиви. Ако мислите дека чувствувате некој симптом при конзумација на нутритивен или ненутритивен засладувач, тогаш негово елиминирање од вашата исхрана е најдобриот начин за да се утврди дали е тоа така. Засладувачите не се основни хранливи материи во нашата исхрана и затоа постојат, за да го негуваат нашиот сладок залак, а не нашето тело.
М-р Емилија Ѓоргиева,
магистер по хемиски науки








