Водата е извор на животот. Човечкиот организам не може да функционира без вода. Таа е составен дел на телото и претставува 70% од вкупната телесна тежина.
Колку вода треба да конзумираме дневно?
Колкава количина треба да се внесува зависи од повеќе фактори: физичката активност, телесната тежина ,климатските фактори и др. Во просек треба да се конзумираат 1,5-2,5 л на ден кај возрасни. Потребите за вода кај децата зависат од возрастa на детето, губитокот на вода преку кожата и белите дробови, клиничката состојба на детето (дијареја, повраќање..) и микроклиматските услови (температура, влажност) .
Телесна тежина | Вода |
36kg | 1.2l |
45kg | 1.5l |
54kg | 1.7l |
63kg | 2l |
72kg | 2.3l |
81kg | 2.6l |
90kg | 3l |
99kg | 3.3l |
108kg | 3.5l |
117kg | 3.8l |
126kg | 4.2l |
134kg | 4.5l |
145kg | 4.7l |
Што доколку не конзумираме доволно вода?
Доколку не конзумираме доволно вода се јавуват симптоми како: јака жед, сува слузница на устата, јазикот е сув и обложен. Заради намален внес на вода и течности може да се намали крвниот притисок. Се јавуваат и симптоми од страна на нервниот систем: наизменично депресија и зголемена раздразливост. Се намалува излачувањето на урина која станува поконцентрирана и темна.
Што е дехидратација?
Дехидратација е состојба при која има поголем губиток отколку внес на течности. Паралелно со губитокот на течности се јавува и губиток на електролити, што резултира со нарушување на правилната распределба на течности, односно доаѓа до забавување на сите метаболни процеси.
Кои се состојбите што доведуваат до дехидратација?
- Фебрилни состојби, односно состојби со покачена телесна температура. Доколку е засегнат и гастроинтестиналниот тракт, односно имаме повраќање и течна столица, поголем е ризикот за настанувањето на дехидратација
- Интензивно потење – се случува при поголем физички напор или изложеност на екстремни временски и температурни услови
- Обилно мокрење
- Болести кај кои има поголемо губење на електролити и течности, како цистична фиброза, целијакија.
- Паразитарни инфекции – придружени со повраќање и пролив.
Како да спречиме дехидратација?
Дехидратацијата може да се спречи преку доволен внес на вода и течности.
Што може да заклучиме -зошто водата е важна за нашиот организам?
Водата во организмот е неопходна за електролитната рамнотежа, за регулацијата на телесната температура , за нормално функционирање на дигестивниот систем, им помага на бубрезите да ги елиминираат токсичните материи. На кожата ѝ е потребна вода за да изгледа помлада, посјајна и поздрава. Добрата хидратација е клучна за подобар сон и концентрација.