Железото е есенцијална компонента на хемоглобинот, миоглобинот и кофактор на неколку ензими, лекува анемија предизвикана од дефицит на железо, и го стимулира создавањето на коскената срцевина. Железото исто така ги олеснува менструалните тегоби и го зголемува имунитетот.
Зголемен внес се препорачува кај жени во репродуктивен период, на трудници и доилки, на лица пoстари од 55 години, на алкохоличари, спортисти и физички работници, на лица кои што од различни причини губат многу крв ( на пример преку менструација, внатрешни крварења), на вегетаријанци итн.
Симптоми на дефицит од железо се: замор, иритабилност, бледи дамки на кожата и ноктите, намалена способност за учење и намалени ментални капацитети.
Симптоми на труење од железо: крвав пролив, втоглавица, болки во стомакот, повраќање со крвави траги, слабост, колапс, слаб и забрзан срцев ритам. Преголеми количества на железо можат да го зголемат ризикот од развој на рак и болести на срцето.
Извори на железо се: жолчка од јајце, риба, месо и изнутрици, леќа, цели житарки, школки, грав. Какаото е исто така доста богато со железо, како и зелениот лиснат зеленчук. Како особено добри извори на железо ќе ги споменеме просото и сусамот.
Се смета дека со внесување на само 25 грама сусам во текот на денот, во организмот се задоволуваат дневните потреби за внесување на железо. Сусамот е лековит дар од природата, не само поради количината на железо во неговиот состав, туку и поради количината на калциум. Во 100 гр сусам има до 7 пати повеќе калциум отколку во 100 мл млеко. Благотворното дејство на сусамот се гледа и во неговата способност за детоксификација на организмот и регулирањето на метаболизмот.
Поради високиот процент на железо во својот состав просото се смета за природна состојка која ја подобрува крвната слика. Во 100 грама просо има 9 мг железо. Освен што го подобрува нивото на железо во крвта, просото се употребува и при кардиоваскуларни проблеми, проблеми со органите за варење и проблеми со бубрезите односно при задржување на течности во организмот (особено кај трудници).
Подготвил:
Александра Пренџова
Дипломиран нутриционист и технолог по исхрана
ПЗУ СРЦЕ








