Боја за храна или адитив за боја е секоја боја, пигмент или супстанција што дава обојување кога се додава во храна или пијалок. Боите за храна се користат и во комерцијалното производство на храна и во домашното готвење. Исто така се користат во различни не-прехранбени апликации, вклучувајќи козметика, лекови и медицински помагала.
Во зависност од потеклото, боите главно може да се поделат на природни и вештачки. Природните бои се изолирани од овошјата и зеленчукот каде се присутни и ги даваат карактеристичните и познати бои (каротеноиди, хлорофил, ксантофил, бетаин и други) или од некои инсекти (кармин, карминска киселина) со мала дообработка на екстрактите. Додека пак вештачките бои се синтетизираат лабораториски и/или индустриски од деривати на катранот и најчесто се соединенија со азо-група.
Луѓето поврзуваат одредени бои со одредени вкусови, а бојата на храната може да влијае на перцепцијата на вкус, почнувајќи од бонбони, па се до виното. Се смета дека додавањето на бои во храната за првпат е регистрирано во египетските градови уште во 1500 година п.н.е., кога производителите на бонбони додале природни екстракти и вино за да го подобрат изгледот на производите. Употребата на бои во храната е строго регулурана од национални агенции како FDA (Food and Drug Administration), FSA (Food Safety Agency) и EFSA (The European Food Safety Authority).
На табелата се прикажани дозволените бои за употреба во храна. Според актуелната европска и локална законска регулатива, вештачките бои кои се користат во производството на храна мораат да бидат наведени во декларацијата на производот.
FDA ознака | Име | Боја | Молекулска формула |
Blue No.1 | Brilliant Blue FCF | Сина | C16H34N2Na2O9S3 |
Blue No.2 | Indigotine | Индиго | C16H8N2Na2O10S2 |
Green No.3 | Fast Green FCF | Тиркизна | C37H34N2Na2O10S3 |
Red No.3 | Erythrosine | Розева | C20H6I2Na2O5 |
Red No.40 | Allura Red AC | Црвена | C18H14N2Na2O8S2 |
Yellow No.5 | Tartrazine | Жолта | C16H9N4Na3O9S2 |
Yellow No.6 | Sunset Yellow FCF | Портокалова | C16H10N2Na2O7S2 |
Загриженоста за безбедноста на храната довела до појава на бројни прописи низ целиот свет. Меѓу првите се германските прописи за храна објавени во 1882 година предвидуваа исклучување на опасни „минерали“ како што се арсен, бакар, хром, олово, жива и цинк, кои често биле користени како состојки во боите.
Распространето мислење во јавноста дека вештачките бои во храна предизвикуваат хиперактивност слична на ADHD (Attention deficit hyperactivity disorder) кај децата потекнува од Бенјамин Феинголд, педијатриски алерголог од Калифорнија, кој во 1973 година предложи дека салицилатите, вештачките бои и вештачките вкусови предизвикуваат хиперактивност кај децата сепак, нема сериозни докази за поддршка на ваквите тврдења дека боите во храната предизвикува нетолеранција кон храна и однесување слично на ADHD кај децата. Можно е одредени бои и вештачки бои за храна да дејствуваат како тригер кај оние луѓе кои имаат генетски предиспозиции, но доказите се слаби.
Зголемен внес може да ги активира протеините и клетките од воспалителните процеси и може да резултира со индукција на автоимуни, па дури и нервни нарушувања. Кај луѓе кои имаат генски предиспозиции за развој на алергиски заболувања, вештаките бои можат индиректно да ја стимулираат имунолошката реакција кон вештачките бои со појава на нови реакции на хиперсензитивност или влошување на постоечката состојба. Алергиите на боја на храна се прилично ретки. Генерално, експертите веруваат дека само мал број луѓе се погодени од бои за храна. Ова се однесува и на природните и на вештачките бои за храна, иако главно пријавените случаии на алерги се од вештачки бои. Алергиските реакции на бои може да се јават како црвенило, чешање, уртикарија и во потешките случаи проблеми со дишење и астма. Најчестите бои кои предизвикуваат алергии се прикажани на табелата.
Боја | Природна/
вештачка |
Употреба | Симптоми на алергиска реакција |
Кармин црвена | Природна, добиена од инсекти | Колбаси, виршли, сокови, бомбони,овошни јогурти | Отоци, осип, отежнато дишење |
Red 40, Allura red | Вештачка | Житарки, сокови, козметика, бомбони, овошни закуски | Уртикарија, отоци на лице |
Yellow 5, Тartrazine | Вештачка | Бомбони, конзервиран зеленчик, сокови, сирења, сладолед и др. | Уртикарија, отоци на лице, може да предизвика напад на астма |
Yellow 6, Sunset Yellow | Вештачка. Најчесто употребувана жолта боја | Житарки, сокови, желатин, козметика, лекови, бомбони, колбаси, пекарски производи | Уртикарија, грчеви во стомак, отоци, може да предизвика анафилакса |
Annatto, жолта | Вештачка | Сирење, житарки, сокови | Може да предизвика силна анафилакса кај луѓе со алергија на оваа боја. |
Blue 1, Brilliant Blue | Вештачка | Житарки, сокови, бомбони, козметика | Хиперсензитивност |
Постојат многу контроверзии за употребата на вештачките бои во прехрамбената индустрија. Потврдени се само тврдењата дека прекуметното конзумирање на храна со вештачки бои може да има влијание на развојот на ADHD кај деца. Потврдено е и дека одредени природни и вештачки бои кои се дозволени за употреба во храна може да предизвикаат слаби, но и сериозни алергиски реакции. За некои од вештачките бои потврдено е дека при внес во поголеми или умерени количини заедно со одредени пореметувања во имунолошкиот систем може да предизвикаат нарушување во нормалната функција на дигестивниот систем. Според тврдењата на релевантните агенции кои ги даваат дозволите за употреба на вештачките бои во храна, доколку истите се користат умерено, кај здрави индивидуи не можат да предизвикаат сериозни последици по здравјето. За потврдување на негативното влијание на вештачките бои врз имунолошкиот систем во предвид треба да се земат и генетските фактори, постоечки состојби кај индивидуите и секако факторите на околината.
М-р Мирко Трпевски
магистер по молекуларна биологија