Во просек спиеме околу една третина од нашите животи. Додека е една од омилените активности на некои луѓе, спиењето е една од есенцијалните делови од човечкиот живот кој што помагаат во одржување, закрепнување и дури во продолжување на нашите животи. Нарушувањата на спиењето имаат разорни последици на човечкото тело, и само една ноќ на пропуштен сон може да предизвика симптоми и да „позајми среќа“ од утре. Најчесто сметаме дека органот што е најповеќе погоден од пропуштање на сон е човечкиот мозок. Додека има доста вистина во оваа изјава и спиењето дозволува „ресетирање“ и обновување на мозочните функции во текот на ноќта – буквално нема орган и органски систем што не е погоден со пропуштање на сонот. Од „чистење“ на хипокампусот што ја освежува нашата способност за концентрација и креирање на нови краткорочни мемории, спиењето го поддржува имуниот систем, метаболизмот, и дури здравјето на кожа. Сте виделе како изгледаат подочниците после една ноќ без спиење? Истражувањата покажуваат дека индивидуите што спијат помалку од препорачаната рамка, после краток период покажуваат знаци на не-специфична имуносупресија (намалување на имуниот систем), со што се намалува способноста на телото да се бори со инфекции. Заради намалување на одредени делови од имуниот систем се зголемува и ризикот од појава на одредени типови на рак. Заради тоа, нередовното и недоволното спиење е класифицирано како тип 2Б на карциноген според Светска Здравствена Организација (СЗО).

Потребата за спиење и времетраењето на сонот зависат од возраста на личноста. Студиите покажуваат дека нашиот циркадијален (24-часовен) ритам се менува во текот на животот, со тоа што новородените деца имаат потреба да спијат околу 22 часа од вкупно 24. Ова е сличноста што нашите новородени ја имаат со одредени видови на животни од животинското царство. На тинејџерите типичо им требаат 8 до 10 часа сон во склоп на едно деноноќие, возрасните имаат потреба од 7 до 9 часа во едно деноноќие за оптимално фукнционирање, додека постарите возрасни имаат потреба за 7-8 часа сон. Значајно е да споменеме дека тинејџерите имаат малку поразличен циркадијален ритам, поместен за два часа од тој на возрасните. Возрасните типично чувствуваат потреба за спиење околу 10 часот навечер, додека тинејџерите ја имаат истата потреба околу полноќ. Од тука, не е ни чудно што тинејџерите преферираат останување до доцна. Како последица на ова, природното време за будење на тинејџерите е поместено за два часа, што значи наместо во 6 на сабајле, тинејџерите сакаат да спијат до подоцна, барем до 8 часот наутро. Се разбира, постојат индивидуални разлики во овој распоред. Циклусот на спиење, вклучително и времето за одење во кревет и времето на будење се значајни во бројот на NREM (нон-рем) и REM (рем) циклуси. Овие два циклуси се објаснети во различен натпис на оваа страна.

Д-р Горан Стевановски