Ова е навидум смешно прашање. Сите спиеме. Сите живи суштества на планетата имаат некаква форма на распоред за спиење, нешто што ние го викаме циркадијален ритам. Според тоа, како спиеме не претставува некоја голема мистерија. Одиме во кревет, заспиваме и спиеме со надеж да сме свежи наутро. Циркадијалниот ритам е внатрешниот часовник на нашето тело што раководи со нормално и навремено функционирање на внатрешните процеси. Секој органски систем си следи свој циркадијален ритам според потребите на функциите што се извршуваат. Замислете го како еден главен часовник во нашиот мозок што цело време работи во позадина. Исто познат и како диурнален ритам, зборот циркадијален ритам потекнува од Латинската фраза „circa diem“ што значи „околу еден ден“, означувајќи го 24 часовниот циклус. Најочигледната форма на циркадијалниот ритам е циклусот на спиење-будност низ кој што поминуваме во текот на едно деноноќие, тесно поврзан со мелатонин. Дали некогаш сте чуле за мелатонин? Мелатонинот е многу популарно средство за спиење што луѓето го користат за полесно заспивање. Природно произведен во нашата пинеална жлезда во мозокот, овој хормон е тесно регулиран. Заради тоа, земањето мелатонин на своја рака, без експлицитен рецепт од здравствено лице, може да го наруши нашиот 24-часовен циклус и да ја влоши несоницата. Поради тоа, земајте мелатонин само по препорака на здравствено лице.
Циркадијалнот ритам објаснува зошто спиеме, но не објаснува целосно како спиеме. Циркадијалниот ритам зависи од сончевата светлина, времето што сме го поминале будни и од часот, и во моментот кога стануваме поспани, во мозокот имаме висока концентрација на супстанциите аденозин и мелатонин. Овие супстанции се врзуваат до посебни делови од мозокот познати како рецептори и при ова врзување стануваме поспани. Колку поспани ќе сме зависи од сите претходно споменати фактори, и кога конечно заспиваме, нашите мозоци започнуваат да се движат низ различни фази или циклуси. Во прво време влегуваме во фаза на плиток сон, позната и како НеРЕМ фаза. РЕМ стои за rapid eye movement (брзо движење на очите), што ја претставува следната фаза. Првата НеРЕМ фаза им овозможува на нашите тела да започнат со одмор и релаксација. После некое време кое што зависи од неколку фактори, влегуваме во следната фаза позната како прва РЕМ фаза. РЕМ фазите од сонот се екстремно значајни за мозокот и овозможуваат кратко-трајната меморија од денот да се претвори во долготрајна меморија или да ги „избрише“ информациите што не нѝ се потребни од нашиот хипокампус (дел од мозокот инволвиран во краткотрајна меморија и концентрација) што нѝ помага да се фокусираме кога сме будни. Најмногу фасцинантниот аспект на РЕМ стои во фактот што тогаш ги имаме најчистите соништа во текот на оваа фаза, и со цел да се спречи рекреирање на соништата во реален живот, мозокот го држи телото парализирано. Во оваа фаза, единственото нешто што не е целосно парализирано (покрај дишењето се разбира) е брзото движење на очите лево и десно, по што РЕМ фазата го добила името. Со подолго време поминато во спиење, бојот на НеРЕМ и РЕМ фази што се менуваат е поголем и имаме можност да поминеме повеќе фази. Во втората и третата фаза на длабок сон, влегуваме во НеРЕМ и РЕМ фази со најмногу придобивки. Без РЕМ фази, нашиот имун систем, хормони, кожа, меморија, фокус, и целосно добро-битие би се распаднале целосно. Во ретки случаи – особено кај тинејџери и деца, постои нарушување во механизмот со кој мозокот ги чува нашите тела парализирани за време на РЕМ фазата – во тие случаи имаме состојба позната како месечарење. Оваа состојба најчесто се решава сама од себе после адолесценција. Доколку при будење, се разбудиме во РЕМ фаза – често се будиме иритирани и се чувствуваме изморено. Без можност да ја предвидиме фазата, сепак треба да спиеме барем 7-8 часа во групата возрасни и 8-9 часа во групата на тинејџери. На тој начин овозможуваме на нашиот мозок да се движи низ најмалку три РЕМ фази. Тоа е накратко процесот на тоа како спиеме и зошто овој процес на спиење го одржува животот на нашата планета и на човештвото.
Д-р Горан Стевановски