Витаминот Д е единствениот витамин што нашите тела можат да го произведат самостојно, затоа што се синтетизира во кожата при изложување на сонце. Витаминот Д делува како хормон и влијае на многу различни процеси кои се одвиваат во нашите тела: го регулира метаболизмот на калциумот и фосфатите, ја поттикнува минерализацијата на коските и ја зголемува и подобрува отпорноста на имунолошкиот систем на инфекции. Тој е од суштинско значење за нормалниот раст и регенерацијата на коските и забите и за функционирањето на имунолошкиот систем.
Која е улогата на витаминот Д во нашето тело?
- Одржува оптимални нивоа на фосфор и калциум.
- Овозможува функционирање на скелетната мускулатура.
- Го одржува оптималното функционирање на имунолошкиот систем.
- Го подобрува функционирањето на срцето.
Извори на витамин Д
- Витаминот Д може да се синтетизира во кожата но за тоа да се случи на нашето тело му е потребно одредено количество на дневна светлина односно УВБ зраци. Изложување на сонце кое е подолго од 15 минути во текот на денот е вообичаено доволно за телото да може да ја произведе потребната дневна доза на витамин Д. Во периодот на доцна есен и зима УВБ зраците најчесто не се доволно силни за да овозможат задоволување на дневните потреби на телото со витамин Д на овој начин.
- Мал дел од витаминот може да се внесе и преку исхрана вообичаено околу 10%. Намирници кои содржат витамин Д во најголеми количини се печурки, јајца и риба. Помалку витамин Д содржат млечни производи како сирење, путер, млеко итн.
Недостаток од витамин Д
Недостатокот на витамин Д односно хиповитаминоза може да доведе до нарушување на функцијата на низа органи и процеси кои се одвиваат во нашите тела. По што да препознаете недостаток на витамин Д?
- Болки во мускулите и коските
- Често се чувствувате тажно
Промени во расположението можат да бидат поврзани со недостиг на витаминот Д во телото. Серотонинот, хормонот одговорен за расположението, е стимулиран од количината на витаминот Д.
- Умор и поспаност
Недостиг на витаминот Д може да биде причина за хроничен умор.
- Проблеми во варењето на храната
Витаминот Д помага нашиот дигестивен систем правилно да ги апсорбира мастите. Неговиот недостаток може да доведе до повеќе цревни проблеми како што се: интолеранција на глутен, воспалителни болести на цревата и Кронова болест.
Доколку забележите дел или сите горе набројани симптоми посомневајте се во хиповитамиоза со витамин Д, консултирајте го вашиот матичен лекар кој ќе ви помогне да изберете сумплементи на витамин Д најпогодни за вас и вашиот животен стил во соодветни препорачани дози.
Д-р Александра Георгиева