Витаминот Б6 (познат и како пиридоксин) е витамин растворлив во вода. Тоа значи дека нашето тело не може да го складира долго време и дека треба постојано да се внесува, основно преку исхраната.

Храна богата со витамин Б6
Витаминот B6 се наоѓа во семињата, житариците, пченицата и пченкарното брашно, пивскиот квасец, црниот дроб, бубрезите, месото, и до одреден степен во млекото, во јајцата и зеленчукот со зелени листови. Дневно микроорганизмите во цревата на човекот синтетизираат 0,5-0,7 милиграми од витаминот B6. Големи количини на витамин B6 се наоѓаат во црниот дроб, помалку во мускулите, бубрезите, мозокот и другите ткива. Чувањето на храната во лимени конзерви, печење или готвење на месото, алкохолот може да го уништат овој витамин.

Дневен внес на витамин Б6
Дневната потреба на витамин B6 за возрасен човек е 1-2 mg, а поголеми количини може да предизвикаат токсични оштетувања на нервите. Медицински дози на витамини, кои може да се движат до 400 милиграми на ден, се користат во третманот на неуропатија предизвикана од изониазид, анемија и ПМС. Сепак, тие мора да се применуваат стриктно со консултација со лекар.

Симптоми при недостаток на витамин Б6
Недостатокот на витаминот B6 може да предизвика анемија, нервни нарушувања и разни кожни проблеми. Овој витамин е особено важен за жените во текот на бременоста, и исто така ги олеснува и предменструалните тегоби. Сепак, најважна од сите е улогата на витамин B6 во имунолошкиот систем. При авитаминоза од витаминот B6 доаѓа до промени во функцијата на нервниот систем.

Д-р Александра Георгиева